КРИТ – Убавина на која и боговите и се восхитуваат
Овој остров надарен со природа, толку див и кроток, контрастен и многулик е спој на цивилизации, лулка на богот Зевс, татковина на сликарот Ел Греко, писателот Никос Казанѕакис и државникот Елефтерос Венизелос. Распослан на крстопат меѓу три стари контитенти – Европа, Азија и Африка, тој од секој од нив наследил по нешто. Од Европа – космополитскиот дух, од Азија традицијата, од Африка – палмите кои му даваат раскошен изглед.
Мојата приказна започна едно топло јулско попладне, кога пловејќи со величествениот брод “Кносос палас” преполн со сезонски работници во потрага по заработувачка на грчките острови, посакав да се фрлам во прегратката на бескрајното море и да го прекинам мачното ноќно патешествие. Неколкупати се предомислував и преслушував кој ли ѓавол ме натера да тргнам на овој пат, но утринската средба со бреговите на Ираклион ги фрли сите сомнежи во вода. Крит е предизвик кој вреди да се доживее.
Овој остров надарен со природа, толку див и кроток, контрастен и многулик е спој на цивилизации, лулка на богот Зевс, татковина на сликарот Ел Греко, писателот Никос Казанѕакис и државникот Елефтерос Венизелос. Распослан на крстопат меѓу три стари контитенти – Европа, Азија и Африка, тој од секој од нив наследил по нешто. Од Европа – космополитскиот дух кој постојано мами илјадници европјани да уживаат во благодетите на овој рај, од Азија традицијата, од Африка – палмите кои му даваат раскошен изглед.
Крит, најголемиот од грчките острови и петти по големина во Медитеранот, има богата и импресивна историја. Животот на островот започнува во неолитскиот период 6.000 п.н.е., го доживува својот процут во миноанското доба, го зафаќаат бројни премрежја за време на византиската и венецијанската власт, подеми и падови за време на турската окупација, за во 1913 година, напорите на грчкиот премиер Елефтерос Венизелос да вродат со припојување на Крит кон Грција.
Островот изобилува со најголем број сончеви денови, поради што може да го задоволи и најистенчениот вкус на посетителите, нудејќи им неверојатен микс на византиски цркви до кои се издигнуваат венецијански зданија, а наспроти нив остатоци од турски градби. Древните градби тука ненаметливо се претопуваат со модерните зданија и луксузните туристички комплеси, кои се надзираат зад расцветаните леандри и палми. И додека вљубениците во морето уживаат во водените лудории, посетителите со нескротлив дух, можат да тргнат во потрага на фасцинантните градби на палатите Кносос, Фестос, Малиа и Закрос, распослани низ целиот остров, кои датираат од миноанската ера.
Особен белег на островот му даваат и многубројните венецијански тврдини и градби кои се карактеристични за речиси секој град. Овие величествени зданија кои се граделе повеќе од стотина години како заштита од напаѓачите на кои бил изложен островот, сега се места каде започнуваат и завршуваат сите утрински и вечерни прошетки. Тука се прераскажува бурната критска историја, се вдишува морската свежина и се плетат приказни за мистичните тврдини. Вакви венецијански ѕидови се протегаат и околу главниот град на Крит – Ираклион и завршуваат со импозантна тврдина која длабоко завлегува во морето.
Од улиците, фонтаните, плоштадите во градот се уште се чувствува духот на многубројните освојувачи, кои граделе величестени зданија. Фонтаната на Моросини во која доминираат четирите лава е највпечатливото здание на градот. Лоцирана во неговото средиштето секојдневно привлекува стотици посетители кои застануваат да се одморат и да пробаат од традиционалните пити со мед и сирење во околните ресторанчиња, од каде се мешаат мирисите на тазе гиро и суфлаки. Џагорот на плоштадот се зголемува со пристигнувањето на веселото вовче, кое по полчасовната прошетка низ градот ги враќа туристите на средиштето на сите случувања.
И додека градот живее со полна пареа во текот на денот, во вечерните часови колони од возила се упатуваат кон Херсонисос – градот чудовиште, кој нуди забава 24 часа. Ова нај “ин“ свртувалиште за младите, многумина го поистоветуваат со островот Миконос, поради журките, пијанките и пороците. Второто познато уточиште за љубителите на ноќниот живот е градот Малиа, каде забавата почнува изутрина на убаво уредените плажи и завршува следното утро во некоја од многубројните дискотеки и клубови, каде често се организираат и бикини забави. Најчести туристи во овој дел на Крит се Ирците, Англичаните и Скандинавците, кои тука се имаат толку одомаќено што градовите се преполни со пабови и ресторани во кои се служи ирска храна и се следат омилените британски серии.
На овој дел од Крит речиси е невозможно да се почувствува грчкиот шмек на островот. Во желбата за заработувачка, овие градови се повеќе наликуваат на странски колонии. Затоа од друга страна пак, доволни ви се само неколку денови за да влезете во островската шема и да сфатите дека во комплексот “Нана Бич” летуваат Руси и Украинци, “Стар бич” е омилена дестинација за младите, Малиа е свртувалиште за Англичаните. Но за која дестинација и да се одлучите нема да згрешите, бидејќи островот изобилува со песочни и убаво средни плажи и хотелски комплекси со водени паркови, базени, банџи и други задоволства. Пристап до овие комплекси имаат сите посетители, а користењето на овие благодети дневно ќе ве чини од 6 до 12 евра.
Крит нуди неверојатна можност наутро да се расоните со водите на Критското море, а попладне по неколкучасовно патување да уживате во кристално чистите води на Либиското море. Една од најатрактивните плажи на Либиското море, афричката оаза – Ваи се наоѓа на само неколку часа оддалеченост од Ираклион. Егзотичните палми кои се протегаат по целиот појас на плажата, се до карпите во кои се изградени ресторани за освежување на посетителите, му даваат особен шарм на местото и ја доловуваат мистиката на Африка.
На сосема спротивниот дел од островот, на запад од Ираклион, се наоѓа вториот по големина и еден од најубавите градови – Ханиа. Покриениот пазар во форма на крст, тесните сокачиња преполни со сувенири и подароци ги мамат посетителите да заталкаат по нив. Најживо е во покриениот пазар во форма на крст, каде се нудат секакви видови на критски производи и ароматични планински билки и зачини, кои се употребуваат во традиционалните јадења. Овој некогашен главен град на островот, се уште ги има зачувано спомените од минатото, преку колоритните и разнолики градби, како што се минарињата и џамиите од време на турската окупација, но и шармантното венецијанско пристаниште и светилник, каде е сниман филмот за гркот Зорбас. На пристаништето доминира џамијата изградена за време на турското владеење со градот, која сега е претворена во ресторант од кој се пружа поглед кон морската шир.
Добро очувани турски и венецијански градби има и во Ретимно, каде фонтаната на Римноти и минарињата на градот му даваат признак на ориентална култура. Прошетката може да продолжи до селото Фоделе, родното место на сликарот Ел Греко, кое изобилува со непрегледни плантажи со портокали. Незаборавни се и турите до Агиос Николаос, Иера Петра, Ситиа, Мирабела заливот и Матала. Оваа отворена порта кон Либиското море, со години наназад ги привлекува посетителите со плажите со златен песок, пенливите води и импресивните карпести пештери, некогашни гробници, кои во 70-тите години биле главни собиралишта за хипиците. Особено раритетна и магична поради илјадниците ветерници е висорамнината Ласити, едно од најплодните места на островот.
За оние кои сакаат да уживаат во руралната средина и критската традиционална храна, островот изобилува со многубројни планински и подпланиснки села, каде се зачувани старите обичаи и каде традиционално се изработуваат керамички предмети осум илјади години наназад. Тука во локалните таверни може да се вкуси критската храна зачинета со природни мирудии, да се гледаат традиционалните танци на локалните мажи облечени во “врака”, да се слушаат старите критски песни и “мартинадес” – серенади.
Крит изобилува и со пештери и клисури кои предизвикуваат восхит и предизвик за авантуристите. Земјотресите во мекото варовничко тло на Крит јљ создале клисурата Самариа, која е најдолга во Европа (18 км). На најупорните туристи им се нуди седумчасовна прошетка низ клисурата, каде на точката Ирон ѕидовите на високите карпести засеци стануваат толку тесни што речиси се допираат.
“Во овој кањон има 99 цркви, а стотата е заробена меѓу две карпи. Низ малиот процеп, за време на прославата на празникот Богородица се слушаат песните на изгубените души”, раскажува еден Критјанец. Според легендите, по еден силен земјотрес стотата црква останала заробена меѓу карпите, па и ден неден можат да се слушнат гласовите на луѓето кои повикуваат на помош.
Критјаните не само што веруваат во легендите, туку особено значење им придаваат на црквите и верата. На речиси секој дел од островот се извишуваат огромни манастирски комплекси, кои ги посетуваат голем број љубопитни туристи. Источно од Ираклион се наоѓа манастирот Топлу, еден од најпознатите од византискиот период, кој ја поседува најголемата икона составена од 62 различни теми. Западно од главниот град, поминувајќи кај столетните маслинови дрвја и планината Ида се стигнува до манастирот Аркади, импресивна градба со историски музеј, во кој се сочувани спомените за крвавата борба за ослободување на Крит.
Митологија
Палатата Коносос ги оживува митовите за Минотаурот
Крит според грчката митологија, е родното место на Зевс – таткото на сите богови. Мајката на Зевс, Реа плашејќи се од својот сопруг кој имал обичај да ги проголтува децата за да не ја преземат неговата власт и моќ, се скрила на Крит каде во пештерата Дикти, на планината Ида го родила својот син – Зевс. Одгледан од нимфите, кога пораснал Зевс го предизвикал татко му на битка, во која извојувал победа и станал крал на небото. Со принцезата Европа, Зевс ќе има три деца, од кои најпознат е кралот Минос кој ќе владее мудро од палатата Кносос.
Остатоците на оваа палата, во која миноанската цивилизација доживеала процут пред повеќе од 3.500 години, се наоѓаат на пет километри од Ираклион. Прошетката по овој митски град ги оживува легендите за Икар и Минотаурот, ужасното чудовиште со глава на бик и тело на човек, кое било заробено во лавиринтот и секоја година како жртва му биле принесувани по седум млади момчиња и девојки од Атина. Преку митовите се отвора прозорецот кој најстарата цивилизација во Европа и посетителите имаат можност да се навратат 4.000 години наназад. Импресивни палати, аквадукти, фрески во силни бои, бањата на кралицата на чии ѕидови доминираат делфините, бикот, фреската на Принцот на леандрите, се само дел од богатата историја која ја кријат остатоците на овој град. На Крит се наоѓа и палатата Фестос, позната по Дискот кој е пронајден таму. Дискот од Фестос претставува една од светските мистерии, со оглед на тоа дека глината од која е направен не може да се најде на Крит, а буквите кои се кружно испишани на него се уште се непознати.
Дестинации
Прошетка до островите Диа и Спиналонга
Крит има совршена мрежа за патување низ островот, а е поврзан и со голем број авионски линии кон останатиот дел од светот. На трите аеродроми на островот секојдневно има по 150 лета, како и бродски линии кон Пиреа, Солун и останатите грчки острови. Покрај секојдневните прошетки до Санторини и Скијатос, се нуди и неповторлива можност за посета на островот Диа, кој се наоѓа во сините води на Критското море, во непосредна близина на Ираклион. Некогашниот остров на Зевс, сега е населен со уникатни диви кози наречени Кри Кри , зајаци и галеби. Во минатото овој остров бил особено значен, за што говорат пронајдените подводните богатства, кои датираат од миноанската ера, но и од венецијанскиот и турскиот период. Во близина на Крит се наоѓа и островот Спиналонга, кој првично бил венецијанска тврдина, заштитена со 40 топови. Ова заштитено прибежиште од 1900 до 1957 година станало последното прибежиште за лепрозните.
Историјат
Најголемиот од грчките острови и петти по големина остров во Медитеранот. Крит е поделен на четири префектури – Ираклион, Ласити, Ретимно и Ханиа. Ираклион е првата порта и главниот град на Крит. Градот е изграден на основите на проистаниште кое било водената врата на Кносос. Ова пристаниште прераснало во особено значајно уточиште за Арабите под чија власт било повеќе од сто години. Тие изградиле силни и високи ѕидови опколени со длабока вода, за да го заштитат градот. За време на венецијанското владеење биле изградени бројни величествени зданија, плоштади, фонтани и цркви. На крај градот го освојуваат Турците во 1669 година кога доживува стагнација во развојот. Доживува и гернамска окупација а во 1913 година станува дел од Грција.