„Првите подводни археолошки истражувања на Преспанското Езеро открија редок органски материјал и нови факти за средновековните жители.“
Преспанското Езеро оваа година стана сцена на првите подводни археолошки истражувања во регионот – историски момент за културното наследство на Северна Македонија. Истражувањата се реализираат од НУ Завод и музеј – Битола и ГО за развој на алтернативен туризам Љубојно, во рамки на проектот ACT4PRESPA, со цел идентификација, документација и заштита на археолошките богатства во и околу езерото.
Археолошки локалитети и првични резултати
Во првите две фази беше спроведено рекогносцирање на македонскиот дел од преспанското крајбрежје – од границата со Грција до границата со Албанија. Детектирани и документирани се 11 археолошки локалитети, а најрелевантен се покажа оној кај селото Наколец, каде започнаа сондажните истражувања.
Ретки органски материјали
При истражувањата кај Наколец беше откриен дел заштитен со дрвена палисада и голем број движни археолошки предмети. Особено значајни се наодите од дрво и органски материјали – алатки, рачки, чешли и конструктивни елементи, датирани од крајот на XIII до крајот на XIV век. Локалитетот претставува прв и единствен пример на благороднички имот во македонската археологија од XIV век.
„Зачувувањето на органски материјали е навистина невообичаено. Милот и тињата на езерото создаваат средина без кислород која ги штити објектите од распаѓање.“ – Орданче Петров, раководител на тимот за подводна археологија.
Животот на средновековните жители
Првичните анализи покажуваат дека жителите на Преспа главно се занимавале со земјоделство, а не со риболов – изненадувачки факт со оглед на близината на езерото. Податоците сугерираат дека езерото во минатото било значително помало.
„Откриените наоди се од непроценлива важност за македонската, балканската и европската археологија. Тие го збогатуваат културното наследство на Преспа и претставуваат ресурс за развој на културниот туризам.“ – д-р Мери Стојанова, координатор на проектот ACT4PRESPA.
Следни чекори
Керамичките и металните предмети се депонирани во Завод и музеј – Битола, додека органските материјали се испратени на конзерваторски истражувања во Лајбниц – Центар за археологија, Германија. Процесот ќе трае најмалку една година, по што предметите ќе бидат достапни за јавноста.
Истражувањата се реализираат со силна поддршка од локалната заедница, која активно помага во заштитата на локалитетите.