Брајчино – најеколошка оаза во Преспа
Преспанското село Брајчино се наоѓа на 1.100 метри надморска височина. Сместено во пазувите на планината Баба од една страна и на само петнаесетина минути одалеченост од Преспанското езеро, од друга страна, претставува идеален спој за развој на туризмот. Тука на надморска височина од 1.200 метри се раѓаат најеколошките јаболка, а кон крајот на јули почнуваат да зреат јагодите. Ова подпланинско село го поседува најголемиот атар во земјава, каде зад планинските врвови се наоѓа граничната линија со Грција.
Низ Брајчино треба да се прошета пеш, да се впие, а не да се уништи природата. Доволно е само да ги оставите трагите на вашите стопала, а да ги земете сеќавањата со вас. А она што ќе го задржи вашето внимание се петте цркви и манастирот кои се наоѓаат околу селото. До нив се стигнува лесно, со обележани “патеки на културно наследство”, кои се дел од проектот за анимирање на туристите. Низ селото се поставени табли на кои се прикажани неопходните информации за атракциите кои можат да се посетат во и над селото. Оние поупорните ќе можат да пешачат и да ги посетат сите цркви за околу три ипол часа и притоа ќе можат да се запознаат и со специфичната архитектура во селото и некои од куќите кои датираат од 19 век.
“За некои куќи што се посебно атрактивни и вредни направивме валоризација со музејот од Битола, ги обележавме и направивме нивна скица за внатрешната структура, од кој век се, како се градени. Во селото има камени куќи од 1893 година, кои уште егзистираат и луѓе живеат во нив”, вели Драги Поп Стојанов, координатор на проектот за развој на екотуризмот во Брајчино.
За оние што подолго ќе престојуваат во селото, проектот предвидува, сместување во неколку куќи, кои се опремени за пречек на туристи. Задоволството да изнајмат една куќа, со сопствен двор и дневна соба, пет лица би ги чинело по 600 денари за ноќевање. Оброците се наплаќаат дополнително и варираат во зависност од видот на храната со која ќе бидете послужени. Ручек и вечера се добива во определени куќи каде можат да се порача локална храна и специјалитети. Една од куќите во која ќе може да уживате во домашната храна е на семејството Поп Јаневски, повратници од Шведска. Во зеленилото на нивниот двор уживавме во домашно подготвениот ричек. Домаќинка Милка Поп Јаневска, не пречекува со тазе измесен зелник и штотуку зазреани јагоди од градината. Десно од нас низ оградата љубопитно не ѕирка домашното милениче, срната Бамби.
На левиот брег на Брајчинска река се наоѓа приватниот рибник каде можете да седнете, да изберете риба и сопственикот да ви ја подготви.
Брајчино изобилува со зеленило и вода, а Брајчинската река што тече низ селото носи свежина и вистинско разладување во летните горештини. На левиот брег на реката се наоѓа приватниот рибник каде можете да седнете, да си изберете риба и сопственикот да ја подготви пред вас. Килограм подготвена свежа и еколошки здрава риба би ве чинела околу 250-300 денари. Брајчино има одлични услови за развој и на културниот туризам, со оглед на тоа дека во непосредна близина на селото се наоѓа манастирот “Света Петка” , кој датира од 16 век. До него се стигнува по петнаесетина минути пешачење, преку селска патека.
“Првите корени на манастирот датираат од девети век, па е рушен и пален, за повторно врз него да биде изграден нов. Иконостасот во манастирот датира од 15 век”, ни објаснува претседателот на месната заедница, Спиро Диневски.
Манастирот, согласно проектот, се реставрира, а конаците се приспособуваат за прием на полеми групи планинари. Моментално тој располага со две соби со по пет кревети, со понизок степен на акомодација, но и со далеку пониски цени од сместувањето во селото, од околу 200 – 300 денари за ноќевање.
“На петнаесетина минути од селото се наоѓа и Преспанското езеро, што може да се искомбинира со посета на Голем Град, Подмочани, Езерани и Курбиново”, ни објаснуваат во селото, а претседателот на месната заедница се надворзува и вели: “Брајчино со скоро беше напуштено село, никој не доаѓаше а младите сите заминаа оти немаат работа. Сега речиси секој ден има луѓе кои што наминуваат и сакаат да преноќат тука”.
Интересот кај жителите за развој на екотуризмот од ден на ден се повеќе расне. Сега голем број куќи на своја рака преземаат акција, ги реновираат куќите и ги адаптираат за пречек на туристи. Најубавата куќа во Брајчино е дефинитивно онаа на Николина, која плени со изгледот и акомодацијата. Овој објект пред повеќе од десетина години привлекувал и пречекувал голем број туристи и амбасадори во земјава, а сега, иако не е отворен за туристи, им дава добар пример на жителите како треба да се развива туризмот во ова преспанско село. Од ова село луѓето со години традиционално се иселувале во “големиот свет”, пред се во Канада и Австралија. Моментално во него живеат 140 луѓе, но преку лето селото заживува, поради враќањето на иселениците. Има многу куќи со катанци на вратите, но се прават обиди за нивно враќање во селото, со цел да ги издаваат куќите и да се вклучат во проектот за екотуризам. жителите се надеваат дека со тоа ќе заживее селото и ќе има шанса локалното население да оствари приходи од туризмот.
Занимливости
Стефан Џајков од Брајчино лежел во затвор со Ал Капоне
Стефан Џајков од Брајчино е чочвекот кој бил во затвор заедно со Ал капоне. Во неговите луди млади години, како што раскажуваат жителите на селото, тој заминал во Америка каде се фавел со фалсификување на пари, а имал и 11 жени кои работеле за него. Во 1937 година тој бил депортиран од страна на американските власти во Македонија. Починал пред три години, во длабока старост, а соселаните го паметат по неговите интересни приказни за случките во животот, како и по тоа што одлично зборувал и пишувал на англиски јазик. Од Брајчино е и писателот Мето Јовановски и неговиот син Борјан, поранешен портпарол на претседателот Борис Трајковски.
Можни дестинации
Подмочани
Во куќата на Јоне Ефтимовски може да се види една од најбогатите етнолошки колекции во Македонија. Колекцијата содржи накит, оружје, стари пари и над 140 народни носии од сите региони во земјава.
Езерани
Орнитолошкиот парк Езерани се наоѓа на Преспанското Езеро. Во овој заштитен парк, живеат преку 115 различни видови на ретки птици, меѓу кои и пеликаните.
Курбиново
Во близина на Курбиново се наоѓа црквата “Свети Ѓорѓија”, со прекрасни фрески кои датираат од 1191 година. Специфичната ѕидна декорација на црквата е еден од најдобрите примери во земјава за средновековното сликарство.
Голем Град
На островот можат да се најдат траги од различни историски периоди, меѓу кои и на црквите Свети Петар и Свети Димитри од 14 век. Денес островот е ненаселен. Располага со ретки растенија и животински свет.
Даниела Трпчевска
фото Филип Антовски