Врзете се полетуваме од 53. кат
“Врзете се, полетуваме”, се зборовите кои секојдневно се слушаат по безброј пати, но не на земја, туку на 53.
кат од највисоката зграда на Истанбул – Сафир мол. На овој кат во висококатницата е сместен 4Д-симулатор на летање, со хеликоптер кој летнува од истанбулскиот Сафир и ве води на виртуелна прошетка на сите
позначајни историски места во градот.
Со хеликоптерот, одблизу може да се видат Топкапи палатата, “Аја Софија”, Цистерната во која хеликоптерот влегува преку тунел полн со лилјаци, како и ред други знаменитости, а Босфор, пак, може да се види од
сите страни за само неколку минути. Доживувањето може и да се почувствува. На Босфор, посетителите ги заплискуваат капки вода кога хеликоптерот се доближува до површината на морето, а во Цистерната
нозете на сите им се мократ од рибите, кои скокаат во водата кога ќе им се доближи хеликоптерот. Во кабината
на симулаторот дува и ветар, исто онака како што би дувал кога хеликоптерот би летал надвор, а до најмал шум е пренесена и вревата кога се движи на улиците, молитвите во џамиите и вечерните забави.
Симулаторот е идеален за оние што сакаат да го видат модерен Истанбул, но не сакаат да останат покуси за историските места.
На врвот од истанбулскиот Сафир е сместена тераса-видиковец, која Турците изворно ја нарекуваат “сеир тераси”. Таа е на височина од 236 метри, а просторот е достапен за организирање забави, настани или,
едноставно, за прошетки.
“Одовде Истанбул се гледа во 360 степени. Единствено оттука се гледаат сите седум рида на градот. Погледот на Истанбул од терасата ви го одзема здивот. Нашите гости овде престануваат да зборуваат, само уживаат во погледот”, велат домаќините од Сафир мол.
Сафир мол Истанбул е висок 261 метар, заедно со врвот, кој не е антена, туку дел од дизајнот.
Го претставуваат како највисока зграда во Истанбул и Турција, четврти највисок облакодер во Европа и 11. највисок резиденцијален објект во светот. Има вкупно 54 ката над земја и 10 под земја. Шест од десетте под земја се користат како паркинг, а другите четири и уште еден над земја се шопинг-центар. Има вкупна
површина од 165.139 квадратни метри. Зградата ја опслужуваат 14 лифта, од кои осум се брзи и 13 ескалатори.
На 47 ката од облакодерот се сместени 174 луксузни станови.
Има 22 различни вида, со површина од 120 до 1.100 квадратни метри. Во резиденцијалниот дел од зградата на секој трети кат има градини со природни дрвја и трева, а вертикална градина има од 40 до 200 метри над земја.
За поквалитетен живот на станарите, секој десетти кат е дизајниран како дел за рекреација.
Па така, на 163 метри височина има голф-терени со восхитувачки поглед на Босфор, а на 33,5 метри височина,
пак, има базен од кој се гледа целиот град.
Сафирот на Истанбул е дело на “Табанлиоглу архитектура”, кој за фасада на облакодерот дизајнирал две специјални стаклени заштити, кои дозволуваат внатре да навлезе и надворешниот воздух, природно,
преку дупки во стаклото.
Ги има на секој трети кат, каде што се и градините со дрвја. Влезот на сончевата светлина и ултравиолетовите зраци се контролира преку посебен систем на завеса. Компјутерски се одредува пропуштањето на зраците во зависност од сезоната, во зависност од денот или, пак, од часот.
Изведувач на објектот е фирмата “Бискон констракшн”. Изградбата почнала во 2006 година и траела пет години.
Од 2011 година, Сафирот е највисоката гордост на Истанбул и домаќините велат дека месечно има по околу
400.000 посетители. Навечер, Сафирот свети сино. Оние што не го забележале прекуден, навечер не можат да го пропуштат.
текст Маја Илиевска-Пачемска