Адреналински спортски настан во Маврово
На 1, 2 и 3 и септември во Маврово сите љубители на природата и спортот ќе уживаат во несекојдневен спортски настан во организација на „Сава осигурување“ и здружението за спорт и рекреација „Прв до врв“.
„Сава адреналинската тура“ е можност за запознавање на прекрасната Бистра и нејзините совршени пејзажни глетки со возење велосипед, планинарење или трчање по маркирани патеки во придружба на водичи и дополнителна програма со многу забава за сите оние што ќе се пријават. Велосипедската патека од 55 километри е одлична спортска рекреација за повозрасните, а за најмалите ќе биде организирана трка со природни пречки и за оние што ќе дојдат без велосипеди патека за пешачење со најбрзо време.
„Септември во Маврово е секогаш магично, а ние се одлучивме на таа магија да ѝ додадеме доза авантуризам и да ги предизвикаме сите љубители на спортот да дојдат на заедничко тридневно дружење. Програмата и активностите се погодни како за помладите спортисти така и за поискусните. Оние што ќе одлучат да кампуваат со своја опрема тоа ќе може да го направат во кампот предвиден токму за овој настан, а ние ќе се погрижиме да им обезбедиме добро јадење, дегустација на пијалаци и многу забава. В недела сите со подготвени велосипеди, патики, ранец и многу енергија ќе ја започнат адреналинската авантура која ќе заврши со голема забава и, се разбира, со награди“, велат организаторите.