Магичните мириси на Старата скопска чаршија
Старата чаршија во Скопје последните денови од есента ги дочекува преполна со туристи, со мириси на свежо испечен леб и топли кебапи, џагор на млади кои чивнале по околните кафулиња на турско кафе со локум или топол чај.
Се мешаат мирис, звуци, спомени од детството, мамат за пладневна починка во некој од сокаците, од каде срамежливо ѕиркаат старите чајџилници, упорно одолевајќи им на модерните винарии, кафулиња, ресторани и слаткарници.
Овде времето како да запрело, додека влегувате по старите дуќани трагајќи по еснафите, старите мајстори, кујунџии, изработувачите на килими, или пак на неуморните чевлари и ташнари. Тесните калдрми, малите дуќанчиња, занаетчиските објекти, чајџилници, ресторани, музеи, цркви, џамии и амами како да ве повикуваат одново и одново да им се враќате, да ги истражите, да ја чуете приказната која што сакаат да ви ја раскажат.
Влезот на чаршијата се повеќе добива модерен изглед, кој е вистински магнет за младите. Новиот плоштад и 13 метарски споменик на Филип Македонски, како и неколкуте фонтани во близина, убаво уредениот парк, и новоизградениот надвозник кај плоштадот Скендербег ја заокружууваат приказната за чаршијата, како порта кон едно поиакво доживување на градот и враќање кон минатото.
Како дел од програмата за заштита и реставрација, чаршијата доживеа промени, но сепак и покрај различните гледишта, не постои човек кој не бил воодушевен од неа и затоа е збиралиште на разни генерации, туристи и голем број уметници, кои своите дела одлучуваат да ги претстават токму во срцето на градот. Богатата музичка и уметничка програма нуди комбинација на различни музички правци, концерти, изложби и настани кои одлично се вклопуваат во традиционалниот амбиент на чаршијата.
И покрај реконструкцијата, чаршијата се уште живее во духот на традицијата, во себе криејќи приказни за едно минато кое и денес оставило белег буквално во секое ќоше. Старата скопска чаршија (потекнува од турскиот збор Eski çarşı или крстопат ) е комбинација од византиското, османлиското време и денешниот модернизам и спаѓа во групата на најголеми во Македонија.
Блокови од урнатините на градот Скупи биле користени за изградба на Скопската тврдина која се наоѓа на висорамнина од десната страна на реката Вардар. Овој простор, според наодите од ископувањата, бил населен уште во времето на неолитот и ранато бронзено доба. Најстарата архитектура на Калето датира од 535 година, од времето на владеењето на Јустинијан I. Од оваа тврдина се останати урнатини во должина од 120 метри.
Старата скопска чаршија, лоцирана по Калето е најживописниот дел од градот. Чаршијата се уште има зачувано дел од старите занаети и дуќани, поради кои уште пред илјада години, по нејзините калдрми вриело како во кошница од посетители. Турскиот патеписец Евлија Челебија при престојот во Скопје (1660/61) во своите патеписи запишал дека во чаршијата имало 2.150 дуќани, плоштади и пазари и ја споредува со багдатската чаршија. Во старата чаршија се наоѓа Куршумли ан, импозантна градба која била подигната во времето на Јустинијан И. Се смета дека, на основите на некоја постара зграда, Турците го доѕидале и приспособиле за караван – сарај. Како таков функционирал до 1787 година, а подоцна бил претворен во затвор. Денес просториите се користат како лапидариум на Археолошкиот музеј. Објектот Куршумли- ан или Оловен ан се смета за еден од најубавите споменици на културата во градот. Даут-пашиниот амам се наоѓа во близина на Камениот мост, на влезот во чаршијата. Вброен е меѓу најзачајните споменици на исламската профана архитектура, а неговата историја започнала во втората половина на 15 век, кога во Скопје живеел Даут-паша. Амамот бил оштетен за време на познатиот пожар предизвикан од австрискиот војсководец Пиколомини во 1689 година и долг период потоа бил запуштен и полека пропаѓал. Неговите простории се првпат реставрирани во 1948 година, за потоа во него да се смести и сегашната Уметничка галерија.
Камениот мост во Скопје е една од најмонументалните градби во земјата која ги спојува двата брега на реката Вардар. Според едни, изграден е во 6 век во време на владеењето на царот Јустинијан, а според други, го изградиле Турците во 15 век. Според турски извори, мостот бил изграден од добро обработени камени блокови во втората половина на 15 век. Во минатото е нарекуван и Душанов мост.
Масивната конструкција се потпира врз цврсти столбови што се поврзани со 13 полукружни лакови. Долг е речиси 214,а широк 6,33 метри. Во 1992 година почна реконструкцијата на мостот, по што беше изменет неговиот првобитен изглед. Камениот мост е изграден од камени блокови, додека неговата масивна конструкција се потпира на столбови, меѓусебно поврзани со полукружни лакови. По него денес е дозволено да минуваат само пешаци.