Ковчег со скапоцености
Македонија е како ковчег преполн со скапоцености, кој едвај чека да биде отворен. Изобилува со историја и традиција уште од неолитот, за што сведочат многубројните археолошки богатства пронајдени во утробата на земјата. Тетовската менада, Адам од Говрлево, златната маска од Требеништа од 6 век пред нашата ера, керамиката од неолитот, пронајдоците од бронзената доба, остатоците на римските градби, како и мозаиците со непроценлива вредност, се само дел од богатото културно наследство кое со векови наназад е пронаоѓано на ова тло.
Околу 4.000 археолошки локалитети, илјада цркви и манастири, над 200 џамии и амами, педесетина кули и мостови се само дел од провокацијата која е доволна за да се посети оваа раритетна и археолошки богата земја. Дури 130 ранохристијански базилики се откриени во земјава, на различни локации. Бројките стануваат уште поимпозантни ако се знае дека илјадници археолошки експонати ги красат витрините на македонските музеи и галерии.
Главниот град Скопје и неговата околина се особено интересни за истражување. Во близина на населбата Злокуќани се наоѓаат остатоците од римскиот град Скупи. Во античкиот период оваа територија била населена од Дарданците, се до 4 век п.н.е кога власта ја презема Фипил Втори Македонски. По неговата смрт, Скупи останува во рамките на царството на Александар Македонски, за во 164 година п.н.е да го освојат Римјаните. Искористувајќи ја својата местоположба на значајна сообраќајница, градот брзо го доживува својот развој. По Миланскиот едикт од 313 година, Скупи станува седиште на епископија, а подоцна и на архиепископија. Но, ваквата слава завршила, откако градот бил разурнат од катастрофален земјотрес во 518 година, по што целосно замира. На локалитетот, археолозите пронајдоа базилика од 4 век, чиј централен кораб е покриен со мозаик, потоа театар граден по римска шема и палата украсувана со фрески.
Покрај покрај патот Скопје – Качаник се наоѓа Аквадуктот. Тој е изграден од камен и тули со 55 лакови што се потпираат на масивни столбови во должина од 450 метри. Се смета дека е изграден во 6 век, а подоцна обновуван и доградуван поради неговата важност, да го снабдува градот со вода од планинските извори на Скопска Црна Гора. Но, постојат и тези дека е граден во 15 век, за време на владеењето на Иса-бег и Мустафа-паша. То долго време со својот изглед ги воодушевувал случајните минувачи, кои често го споменувале и во своите патеписи.
Во 535 година е промовиран нов град-наследник на Скупи. Го изградил византискиот император Јустинијан, како долг кон неговото родно место. Јустинијана Прима била опкружена со бројни тврдини, од кои најголемата од нив – Чрнче на планината Водно, помогнала за справување со нападите на Словените. Но, се до 694 година кога Словените го заземаат градот и му го даваат денешното име – Скопје.
Блокови од урнатините на градот Скупи биле користени за изградба на Скопската тврдина која се наоѓа на висорамнина од десната страна на реката Вардар. Овој простор, според наодите од ископувањата, бил населен уште во времето на неолитот и ранато бронзено доба.Најстарата архитектура на Калето датира од 535 година, од времето на владеењето на Јустинијан I. Од оваа тврдина се останати урнатини во должина од 120 метри.
Под Калето се наоѓа Старата скопска чаршија, најживопсниот дел од градот. Чаршијата се уште има зачувано дел од старите занаети и дуќани, поради кои уште пред илјада години, по нејзините калдрми вриело како во кошница од посетители. Турскиот патеписец Евлија Челебија при престојот во Скопје (1660/61) во своите патеписи запишал дека во чаршијата имало 2.150 дуќани, плоштади и пазари и ја споредува со багдатската чаршија. Во старата чаршија се наоѓа Куршумли ан, импозантна градба која била подигната во времето на Јустинијан И. Се смета дека, на основите на некоја постара зграда, Турците го доѕидале и приспособиле за караван – сарај. Како таков функционирал до 1787 година, а подоцна бил претворен во затвор. Денес просториите се користат како лапидариум на Археолошкиот музеј. Објектот Куршумли- ан или Оловен ан се смета за еден од најубавите споменици на културата во градот. Даут-пашиниот амам се наоѓа во близина на Камениот мост, на влезот во чаршијата. Вброен е меѓу најзачајните споменици на исламската профана архитектура, а неговата историја започнала во втората половина на 15 век, кога во Скопје живеел Даут-паша. Амамот бил оштетен за време на познатиот пожар предизвикан од австрискиот војсководец Пиколомини во 1689 година и долг период потоа бил запуштен и полека пропаѓал. Неговите простории се првпат реставрирани во 1948 година, за потоа во него да се смести и сегашната Уметничка галерија.
Камениот мост во Скопје е една од најмонументалните градби во земјата која ги спојува двата брега на реката Вардар. Според едни, изграден е во 6 век во време на владеењето на царот Јустинијан, а според други, го изградиле Турците во 15 век. Според турски извори, мостот бил изграден од добро обработени камени блокови во втората половина на 15 век. Во минатото е нарекуван и Душанов мост.
Масивната конструкција се потпира врз цврсти столбови што се поврзани со 13 полукружни лакови. Долг е речиси 214,а широк 6,33 метри. Во 1992 година почна реконструкцијата на мостот, по што беше изменет неговиот првобитен изглед. Камениот мост е изграден од камени блокови, додека неговата масивна конструкција се потпира на столбови, меѓусебно поврзани со полукружни лакови. По него денес е дозволено да минуваат само пешаци.
Македонија изобилува и со голем број археолошки локалитети од античко доба. Најпознатиот од нив е античкиот град Стоби кој се протега на југ од Велес, на устието на Црна Река во Вардар. Претпоставките се дека градот бил изграден во хеленистичкото време, во 3 или во 2 век п.н.е, но можно е просторот да бил населен уште во неолитот. После два големи земјотреси кои се случиле во 6 век, градот бил целосно напуштен од жителите. Во Стоби меѓу другото имало и кованица за пари, каде се ковале монети неречени денариус, по кои го имаат добиено името и денешните пари – денари. Најимпозантен објект кој е откриен е театарот, кој датира од 2 век п.не.е и е сличен на грчкте театри. Во него имало 7.000 места, а во одреден период бил преадаптиран во гладијаторска арена. Во Стоби се откриени и епикоспка резиденција, затвор, како и епиксопска базилика која воодушевува со прекрасните мозаици.
Познатиот археолошки локалитет Исар, кај селото Марвинци е интересен поради многубројните предмети кои архелозите ги пронајдоа. Станува збор за керамика работена на грнчарско колце, амфори, садови, теракоти, накир, оружје, статуетки и монети од некогашната населба. Оваа населба била дел од Пејонија. Настанала во 6 век п.н.е.
Ва близина на Гевгелија се наоѓа некогашната населба Вардарски рид. До сега се откриени 6 населби една врз друга во која животот се одивал од 13 до 2 век п.н.е. Овие старомакедонски населби потекнуваат од времето пред и по владеењето на Александар Македонски. Особено е раритетен пехарот со калап за вино, кој беше пронајден на овој локалитет. Откриени се и голем број на сребрени и бронзени монети кои биле ковани во времето на Александар Македонски и неговиот татко Филип Втори.
Во близина на Битола се наоѓа локалитетот Хералкеа линкестис. Станува збор за остатоци од некогашниот антички град кој бил главен центар на Линкестида, област на илирско- македонското племе Линки. Хераклеа е основана или утврдена од Филип 2 Македонски околу средината на 4 век п.н.е. Два века подоцна, градот го освојуваат Римјаните, по што доживува развој. Во ранохристијанскиот период, Хераклеа станува седиште на епископија и жариште на новата христијанска вера. При археолошките истражувања на локалитетот е откриена рановизантиска црква. Источно од неа се пронајдени римски терми, а мозаиците на подот од нартексот на Големата базилика се издвојуваат со своите ликовни вредности и иконографски особености. Се претпоставува дека мозаикот е настанат кон крајот на 5 век.п.н.е Овој антички град имал и театар во облик на потковица, каде се одржувале драмски претстави, но и гладијаторски борби.
Локалитетот Виничко кале поставен на ридот над Виница надалеку е познат по виничките икони кои беа пронајдени на ова место. Станува збор за најавтентичните и оригинални откритија на почвата на Македонија, кои според многу работи се исклучителни.Целата приказна започна во 1985 година, кога на локалитет беше откриено депо со ранохристијански теракотни икони, датирани од 6 и 7 век. Станува збор за иднствени икони во Европа, наравени во техника на калапење, во две различни димезии. За време на истражувањата во целина или во фрагменти,биле пронајдени 49 примероци на теракотни релјефи. Тоа се глинени плочи со квадратен или правоаголен облик со димензии од околу 30 см. На нив има текстови напишани на латински јазик, а откриени се 15 сцени на иконите. Тие биле најдени на ѕидовите на објект, кој најверојатно бил сахрален. .
Крајезерскиот град Охрид е вистинска археолошка и историска ризница. На местото на денешниот град постоел градот Лихнидос, кој во 4 век п.н.е бил освоен од кралот Филип Втори Македонски. Во неговот средиште се наоѓа Античкиот театар кој се претпоставува дека датира од 3 век п.н.е, а во времето на Римјаните во него се одржувале и борби со животни. Самуилова тврдина се смета за една од најголемите зачувани фортификации зачувани во земјава. Првпат ја спомнува историчарот Ливиј во 3 век пред н.е, уште додека била тврдина на градот Лихнидос. Се смета дека денешната форма на тврдината потекнува од 10 век кога Охрид, како престолнина на македонскиот цар Самуил имал обновени и силни тврдини. Со своите големи ѕидови и кули, тврдината го опкружувала целиот град, а влезот бил овозможен од три порти, од кои и денес е зачувана познатата Горна порта. Кај неа, при археолошки истражувања, беа пронајдени 145 гробови и гробници со богати предмети од архајскиот, македонско-хеленистичкиот и римскиот период. Во едне од гробовите беше откриена златна маска, златна ракавица и уште седумдесеттина други златни, сребрени, бронзени, железни, керамички и килибарни предмети од 5 век п.н.е.
Македонија може да се пофали и со богата аритектура и објекти кои до ден денеска го зачувале автентичниот изглед. Куќата на Робевци во Охрид, во која е сместен Археолошкиот музеј и етнолошката поставка, се смета за еден од најрепрезентативните објекти на градската архитектура во Македонија, која својот највисок развој го достигнува во текот на ЏИЏ век.
Градител на куќата на двајцата браќа Робевци е мајсторот Тодор Петков од с. Гари, Дебарско,. Обектот е изграден во 1825 година по што бил опожарена и повторно изграден следната година. Куќата е заштитен споменик на културата и ја сочинуваат три ката, плус најгорниот кат т.н. “ширван”. Во долниот дел се наоѓаат изложени епиграфски споменици од Охрид и околината, како и вредните експонати:”Миљоказ” (пронајден на патот Виа Игнација), двете торза на божицата Изида и др. Археолошките експонати датирани од праисторијата до средновековниот период се изложени и на вториот и третиот кат. Во ширванот од куќата, која плени со својата надворешност, но и внатрешност, се презентирани примероци на предмети изработени во охридска резба.
Зградата на поранешниот Сарај на Ахмет Нијази-бег во Ресен се вбројува во најрепрезентативните примери на објекти градени во неокласичен стил во Македонија. Како објект со високи естетски и функционални вредности, се смета за еден од поважните примери на архитектурата од почетокот на 20 век, во кои се присутни елементи од европските историски стилови во архитектурата. Објектот висок 25 метри се простира на површина од 4.800 квадратни метри. За неговата градба се врзува и мошне интересна приказна. Нарачателот на изградбата Ахмет Нијази-бег, како студент на воена академија во Истанбул бил испратен во Ресен, каде пријател од Париз му патил разгледница со Версајскиот дворец. Воодушевен од градбата, ресенскиот бег одлучил да изгради исто таков објект за да живее во него, но за жал, бил убиен во 1912 година во Драч, пред зиградбата на дворецот да биде завршена. Вреди да се споменат и “Симиќевата кула” е како една од најголемите и најубавите кули во Кратово, градската архитектура во Крушево, како и куќата на Бектешовци на кејот на Дабничка Река, во центарот на Прилеп, се смета за најзначаен објект од градската архитектура од почетокот на 20 век.
Автор : Даниела Трпчевска