Mакедонските села живи музеи на минатото
Изворите со пенлива вода, планинските врвови кои пленат со својата убавина, еколошките јаболка кои зреат на надморска височина од 1.200 метри, се само дел од благодетите со кои располагаат македонските села. Сместени во планинските пазуви тие воодушевуваат со својата автентична архитектура, топлина и срдечност на домаќините. Водениците во кои се уште се меле брашно, старите вретена за предење волна, изработката на кавалите и гајдите од кои се шират звуците на народните песни и ора, се дел од мозаикот на македонските села.
Да се будите со поглед кон Преспанското езеро, да ја почувствувате возбудата од посетата на единствениот змиски остров Голем Град или да ја допрете рачно изработената носија стара три века – има ли нешто повозбудливо од тоа!. Наутро пробајте слатко од смокви или качамак, за ручек тазе ѓомлезе подготвено под вршник, навечер пред спиење напијте се една струмичка мастика. Така ќе ја почувствувате Македонија.
Земјата изобилува со недопрена убавина и села во кои е сочувана архитектурата од пред неколку века. Најатрактивни за посетителите се крајезерските села во преспанскиот и охридскиот крај, но и планинските раритетни места, кои најчесто се пусти или во живеат по неколкумина стари жители. Екотуризмот во живописното село Брајчино и селскиот туризам во Љубојно, Стење, Преспа и Долно Дупени се главни адути на преспанскиот крај. Покрај сместувањето во руралната средина, уживањето во локалната храна и свежиот воздух, туристите имаат можност и за прошетки по околните планини и запознавање со културното богатство и манастирите.
Селото Брајчино, затскриено во пазувите на планината Баба, освежено од пелистерскиот воздух и заплискувано од преспанското сонце по многу нешта е особено. Одалечено е само 15 минути од Преспанското езеро и се наоѓа во непосредна близина на Националниот парк Пелистер.Петте цркви и манастирот околу селото, кој потекнува од 16 век, го доловуваат духот на минатото, надополнет со специфичната селска архитектура, од 19 век. За неуморните трагачи по нови авантури, атрактивна е шестчасовната прошетка до Големо Езеро во средиштето на Пелистер, на височина од 2.200 метри. Од таму можат да се посетат селата Магарево, Нижеполе или Маловиште, села со богата архитектура и специфични традиционални јадења.
За вљубениците во водата и птиците интересна дестинација се островот Голем Град, Езерани, како и Подмочани, каде се наоѓа музејот со најбројната колекција на народни носии. Приватниот музеј на народни носии на Јоне Ефтимовски во селото Подмочани од неодамна е збогатен со носија стара над 300 години.
Не пропуштајте да ја посетите и црквата “Свети Ѓорѓија”, во близина на Курбиново поради прекрасните фрески кои датираат од 1191 година. Специфичната ѕидна декорација на црквата е еден од најдобрите примери во земјава за средновековното сликарство. На островот Голем град , пак, можат да се најдат траги од различни историски периоди, меѓу кои и на црквите Свети Петар и Свети Димитри од 14 век. Денес островот е живеалиште на ретки растенија, како на пример фоја и животински свет. Се нарекува и змиски остров.
Неповторлив по својата убавина е и Реканскиот регион, сместен во западниот дел на земјата, меѓу Маврово и Дебар од едната, и помеѓу границата со Албанија и кичевската област, од другата страна. Реканскиот регион своето име го добил од реката Радика и по нејзината притока Мала Река. Реканците од секогаш биле познати фреско-живописци, копаничари, ѕидари, мозаичари и се едни од најбараните во Италија и Европа.
Границите на регионот се поклопуваат со границите на Националниот парк Маврово. Во него ќе најдете ендемички растенија како “гостиварска темјанушта”, потоа карстни полиња, видиковци и ледини во срцето на планината Бистра, каде ќе имате можност да ги видите неколкуте бачила во кои се произведува вкусно сирење и кашкавал. Во границите на паркот има 36 раритени села, од кои 14 се сосема празни.
Најживописно е селото Галичник, кое е надалеку познато по традиционалната Галичка свадба. Секоја година млади брачни парови од земјава и од странство облечени во богато украсени галички носии, се венчаваат на најмасовната свадба која се одржува според традиционалните обреди. На Петровден (17-18 јули) Галичник ечи од зурли, тапани и песни кои ја следат обредната поворка. Како што налага традицијата, невестата првин оди на вода, придружувана од другарките, додека на нејзиното момче му се извршува ритално бричење пред прагот на куќата. Сватовите ја земаат невестата од нејзиниот дом качена на коњ, по што ја носат во куќата на младоженецот, каде замесува леб и ги нуди гостите со вино.
Подлабоко во утробата на планината на брзаците на Мала река се издига феноменалната градба – мостот Еленски скок. За момент седнете и восхитувајте му се на висечкиот мост со интересна конструкција, граден без железо и бетон. Легендата вели дека е изграден во 18 век од еден турски бег, кој бил воодушевен од скокот на еден елен од едната на другата страна на реката и во чија жест го подигнал мостот. Според други преданија пак, мостот е изграден во знак на сеќавање на момчето кое за да ја одбрани честа на својата девојка убил еден турски бег.
Природата во сета своја раскош може да се доживее кај манастирот Св. Јован Крстител: Комплексот кој е изграден од камен бигор е попознат како Бигорски манастир. Основан е во 1020 година и во него се наоѓа еден од најпознатите иконостаси, дело на копаничарите Петре Филиповски – Гарката од село Гари и на Макарија Фрчковски од село .Галичник..
Кањонот на реката Радика, пак, воодушевува со бистрата планинска вода, опкруженоста со бујна вегетација, како и изобилството со пастрмка, што ги намамува љубителите на рибиловот. Научниците имаат испитано над 30 пештери со должина од 10 метри, во горниот дел на Радика. Со својата убавина се истакнува пештерата Симка, која е долга 500 метри.
За мештаните од разни краеви на земјава, водопадите се места на кои се празнуваат верските празници, се лечат болести, се испраќа зимата и се пречекува пролетта. Верувале или не, но во Македонија има околу 150 водопади, од кои најголемиот број се сконцентрирани во западниот дел на земјата. Највисокиот водопад се наоѓа на Кораб. Достигнува височина од 138 метри, а лоциран е под врвот на Мал Кораб, во непосредна близина на некогашното село Жужње.
Затскриени во најдлабоките шуми, посетувани само од најхрабрите и најупорните љубители на природата, водопадите можат да бидат неповторливо доживување и авантура. Ги има на Кораб, Шара, Јабланица, но најпосетувани се Смоларскиот и Колешинскиот водопад на падините на Беласица. На тромеѓето меѓу Македонија, Бугарија и Грција, на надморска височина од 650 метри се наоѓа Смоларскиот водопад. Станува збор за еден од поголемите водопади на Беласица, каде водата паѓа од карпите на височина од 35-40 метри. Пределот околу водопадот изобилува со вегетација и мовови кои никогаш не ја менуваат зелената боја. Тука во текот на зимата, природата ги создава најубавите мразулци кои висат на карпите. Пред водопадот има дупка за која мештаните раскажуваат своја приказна. Легендата вели дека Крали Марко рипнал со коњот од водопадот, по што во каменот останала дупка од копитото на коњот. Таа дупка смоларчани ја нарекуваат “дира”.
Во близина на Смоларскиот, се наоѓа и Колешинскиот водопад. Лоциран е на југоисточниот дел на земјата, во долниот тек на реката Баба. Висок е 21 метар, со широчина на падот од околу 16 метри и е од типот на скалести водопади.
На патот меѓу двата водопади на надморска височина од 300 метри се наоѓаат Мокринските извори. Тие се меѓу најсилните извори на оваа планина, со капацитет од околу 100 литри во секунда. Призорот тука е неверојатен – водата извира од столетни чинари со стари, дебели корења кои избиваат на површината. Овие извори се традиционално место на кое се собираат жителите на селото Мокрино. Во близина се наоѓа и бањата Банско, каде има остатоци од римски бањи, Моноспитовското блато, остаток од глацијалниот период, како и манастирот „Света Елеуса” во блиското село Водоча од 10 век.
КАРНЕВАЛИ
Македонија е и земја на карневали. Ритуално се одржуваат во текот на зимата околу Нова Година и ги има во повеќе региони во земјата. Секој од нив има своја специфика, шереноликост и поинаква симболика. Веселите и маскирани лица во Битолско се нарекуваат бабари во Битолско, во Охридско – василичари, во Скопско – џамалари.
За оние кои сакаат да се нурнат во корените на македонската традиција, вистински раритет е да се присуствува на Вевчанскиот карневал. Се одржува во континуитет уште од пред 1.400 години, колку што е старо и селото, давајќи му свој белег на крајот, а од 1993 година Вевчанскиот карневал е член на Светската федерација на карневали..За тие 48 часа, колку што траат карневалските адети, целата околина на Вевчани се претвора на огромен театар, каде на отворена сцена настапуваат најкреативните и најмистичните маски.
Покрај трите традиционални маски на Карневалот – Невеста и Младоженец, Глупавиот Август и Музичари, останатите маски се подготвуваат во текот на целата година и во нив учесниците ја вплетуваат сета своја имагинација. На импровизацијата и нема крај. Се исмејуваат состојбите во општеството, се укажува на аномалиите, се покажува грдата слика на животот.
Се прашувате како настанал карневалот? Легендата раскажува за едно момче, најубаво во Вевчани, кое пред да замине на печалба, се свршило со најубавата девојка во селото. Но, додека било на печалба, момчето паднало од некоја висока зграда, при што си го унакажало лицето. Кога зимата неговите другари се враќале во Вевчани, тој ги замолил да ги затскријат лицата зад маски, за неговата свршеница полесно да може да се привикне на неговиот нагрден лик. Така настанал карневалот кој се одржува во селотот Вевчани, сместено во подножјето на планината Јабланица. Богатата архитектура, колоритната природа и бујните води на Вевчанските извори, но и непокорливиот дух на жителите кои прогласија „република”, воведувајќи вевчанска валута и пасош за влез во селото, мамат огромен број посетители кои доаѓаат да го почувствуваат духот на ова место.
Од паганско време корени влече и струмичкиот карневал, кој му дава посебен белег на крајот. Игрите траат со денови, а во Струмица се слеваат колони на љубопитни посетители од земјава и од странство. Ако сакате одбиску да ја почувствувате магијата на карневалот, вклучете се во поворката, маскирајте се и бидете дел од традицијата. Можеби токму вие годинава ќе победите со вашата имагинација и креативност во изборот за најдобра маска. Во деновите на карневалот градот нуди и неповторлива можност да се ужива и да се проба надалеку познатата струмичка пиперка и вкусниот ајвар, а како аперитив напијте се “струмичка мастика”.
Ако сте љубители на домашни пити и гравче, тогаш морате да го посетите тетовското село Лешок во подножјето на Шар Планина: Тука на надморска височина од 550 метри, ќе можете да се замезите со колбаси и вкусно вино, но и со лешочко тавче-гравче, комат и специјалитет тури-потпечи. Во локалната храна можете да уживате додека седите во прекрасната природа и пространите дабови шуми или во дворот на Лешочкиот манастир, еден од најубавите во регионот.
Во планинското село Берово, пак, во источниот дел на земјава ќе ве пречекаат со специјалитети од малешевски компир и со малешевска ракија која се подготвува од специјални сливи. Додека сте во едно од највисоките планински села не пропуштајте да ја пробате и познатата беровска чорба и пастрмајлија. Оние кои лесно настинуваат и имаат проблеми со дишните патишта, во Беровско ќе го пронајдат својот лек. Тука мештаните приготвуваат боров мед – сируп од младите борови шишарки, кој се користи при настинки, но е вкусен и како сладок десерт. Од обичаите, најпознати се прославите за празникот Голема Богородица, кога се подготвуваат купишта котли со храна како курбан за здравје и бериќет, како и традиционалниот маскенбал Бамбурци. Особено атрактивно за посета е и езерото “Младост”, опколено со густи борови шуми и неверојатно чист воздух.
Жителите пак на највисоката градска населба на Балканот – Крушево , можат ад се пофалат со слатките целувки и познатиот крушевски локум. Ова мало но револуционерно гратче, познато како центар на Илинденското востание од 1903-та година, за ослободување од турската власт, се уште ги чува спомените од славното минато. За тоа сведочат споменикот Македониум, Мечкин Камен, Слива и Кале, кои покрај големата историска вредност, имаат и природно и културно значење. Во летниот период, за посетителите се атрактивни прошетките по крушевска корија, а зиме градот пливнува од вљубениците во симските спортови. Крушево е и омилено место за параглајдеристите, поради одичните услови кои ги нуди планината за оваа авантура.
Доколку трагате по неоткриени убавини и места, посетете ја планината Плачковица се распослани јуручките села, кои негуваат многу специфична и за многумина непозната култура и традиција. Патријархалниот начин на живот е една од основните карактеристи на жителите овие села во општината Карбинци. Тие се препознатливи и по традиционалната архитектура, начинот на живот и носијата. Кај помладите жени и девојчиња таа е живописна, со силни бои и весели шари. Во селата може да се пробаат вкусни јадења како алва, маџун, кус-кус.
текст и фотографии : Даниела Трпчевска