Оаза на тишината
Речиси сите македонски манастири се градени во планинските пазуви, на потешко пристапни места, опкружени со густи шуми и пространи ливади. Иако монасите секогаш барале да се осамат во својот духовен живот, тие сепак ги отварале вратите за населението од околните села, кое тука ги прославувало верски празници, ги одбележувало селските слави и барало утеха и спас во тешките премрежја.Поради извонредниот туристички потенцијал и можноста да се ужива во мирот, тишината и спокојството, многумина ги нарекуваат оази на мирот.
Поради извонредниот туристички потенцијал и можноста да се ужива во мирот, тишината и спокојството, многумина македонските манастири ги нарекуваат оази на мирот. Проценките се дека во земјава има 155 сочувани манастири, додека стотина се полуурнати или повеќе ги нема. Иако црковниот туризам во земјава се уште е во зародиш, секоја година се поголем број туристи од светот се одлучуваат да зачекорат по манастирските патеки и да ја запознаат македонската историја и традиција, преточена преку реритетните фрески, иконостаси и резби, изработени од врвни македонски тајфи.
Во утробата на македонското светилиште – древниот град Охрид, има вкупно 365 манастири и цркви. Поради големата духовност, не случајно се нарекува „Град на светлината”. Патот на сите намерници кои дошле да ја посетат оваа духовна ризница, секогаш завршува во манастирот „Св.Наум” на брегот на Охридското Езеро, каде се наоѓа весниот дом на светецот. Има нешто величествено и необјасниво моќно во ритуалното клекнување до гробот на светецот Наум, додека внимателно го поставувате увото на надгробната плоча и со возбуда очекувате да го слушнете биењето на големото срце со исцелителна моќ. Иако станува збор само за легенда, ретко кој не верува во неа, како што веројатно не постои човек кој не фрлил паричка во бунарот на желби, во средиштето на црковниот двор. Светото место на кое е изграден манастирот влева мир и спокојство. Не случајно Наум ја избрал карпата надвисната над Охридското Езеро за свој духовен мир. Тука се спојуваат и се мешаат водите од извориштето на Црниот Дрим и бистрите води на Охридското Езеро. Над манастирот се издига Галичица со ливадите преполни со бујни и лековити тревки. Ова место како да било создадено за лекување на болните. Свети Наум токму тоа и го направил – ја искористил моќта да им помага на душевно болните, но и да го развива монаштвото, а заедно со Свети Климент Охридски, ја продолжил и мисијата на првите словенски просветители, браќата свети Кирил и Методиј. Починал во 910 година, по што неговото тело го пронаоѓа својот вечен мир во гробот поставен во јужната страна на црквата.
Светецот Наум во 9 век ја подигнал црквата “Св. Архангели”, која во турскиот период била урната. Врз темелите на првобитната црква, меѓу 16 и 17 век, била изградена денешната црква. Фрескоживописана е во ЏВ и ЏВИ век, а денешните фрески во периодот од 1800 до 1806 година ги насликал зографот Трпо од Корча.Раскошот на насликаните циклуси и сцени ја вбројува црквата во редот на најголемите споменици од 18 и 19 век во Македонија. Наумовиот манастир и црквата Свети Архангели, како и Климентовиот манастир и црквата Свети Пантелејмон во Охрид се првите споменици на словенската црковна архитектура и уметност во охридскиот крај. Легендата вели дека кога Св. Климент стигнал во Охрид, им го доближил на жителите глаголското писмо на светите браќа Кирил и Методиј им ја открил тајната на изградбата на куќи од камен, место тогашните сламени колиби во кои живееле. За таа цел најпрво изградил црква. Тоа е манастирот Св. Пантелејмон, изграден на ридот над Охрид..По неговата смрт Климент бил погребан во гробот кој самиот го подготвил во неговата црква на Плаошник.
Овој некогашен центар на Охридската школа, од каде се ширела словенската писменост, духовност и култура, археолозите го сметаат за еден од најзначајните локалитети во земјава. Монументалната ранохристијанска црква била изградена и декорирана во 5 век, во времето кога Лихнид (сегашен Охрид), бил значаен центар на епископите. Бил подигнат во облик на лист на детелина врз темели на една постара античка градба. Археолошките ископувања покажаа дека црквата имала огромни димензии, а непознати сликари ја украсиле со извонредни мозаици, кои се вистинска атракција за посетителите. Во големиот мозаичен комплекс зачувани се околу стотина квадратни метри. Сводовите на овој храм биле украсувани со мозаици кои имале златна основа. Во близина Плаошник во 2002 година беше возобновен Светиклиментовиот храм и по 530 години тука беа пренесени моштите на првиот словенски епископ. и основоположник на Македонската православна црква, Св. Климент Охридски. При ископувањата во 1999 година беше откриена крстилницата на петтокорабната базилика со кукасти крстови на мозаичните подови кои потекнуваат од периодот меѓу 4 и 6 век. Се претпоставува дека оваа ранохристијанска базилика врз која бил изграден Климентовиот манастир во 9 век била посветена на апостол Павле.
Црквата “Света Софија” е една од најголемите средновековни цркви, која долг период била соборна црква на Охридската архиепископија.Таа е подигната е врз темели на стара сакрална градба во времето по големата мисија на св. Кирил и св. Методиј, кога македонските Словени го примиле христијанството на словенски јазик. Најверојатно служела како катедрала во времето на цар Самуил, кој кон крајот на 10 век, ја пренесол својата престолнина од Преспа во Охрид. Но постојат и тези дека во тој период на истото место, постоела црква која од непознати причини била разурната.Не постои ниту еден запис за времето на изградба на оваа црква, но се говори дека е обновена во времето на архиепископот Лав, кој од 1035 до 1056 година се наоѓал на престолот на црквата. Лав бил и ктитор на сликарската декорација во црквата и имал големо влијание за нејзиниот изглед. Подоцна Турција ја претвориле “Света Софија” во џамија, драстично го зимениле нејзиниот изглед. Фреските ги премачкале со вар, куполата била урната и било подигнато минаре.. Седум години биле потребни за конзервација и реставрација со цел да се исчистат вредните фрески. Живописот на оваа црква се смета за врв во средновековното сликарство во Македонија и пошироко. Тука се наоѓаат најзначајните зачувани делови на византиското монументално сликарство. Надворешниот облик на Света Софија, која долго била соборна црква на Охридската архиепископија, е во облик на буквата „Т”.Градена е од тули, бигор и камен. Поради акустичноста на просторот, денес во црквата се одржуваат значајни концерти.
Црквата Света Богородица Перивлепта (Преславна) е изградена во 1295 година од византискиот војсководач Прогон Згур, роднина на Андроник ИИ Палеолог. По претворањето на Света Софија во џамија, Св. Богородица Перивлепта станала соборна црква на Охридската Архиепископија. Поради својата исклучителна архитектура и фрески, црквата Света Богородица Перивлепта спаѓа меѓу најзначајните средновековни споменици во земјава. Фреските во црквата ги изработиле истакнатите средновековни зографи – ,сликарите Михаило и Евтихиј.Со ова ѕидно сликарство се дадени основите на новиот правец во византиската уметност – Ренесансата на палеолозите. Црквата е градена во облик на впишан крст. Како градежен материјал главно биле употребувани тули и бигор, со чие вешто редење е добиен редок впечаток на хармоничност и полихромија со што се издвојува меѓу византиските и македонските споменици на 13 век.
Изградена на карпа во стариот дел на Охрид, над некогашна рибарска населба, црквата „Св. Јован Богослов-Канео” плени со својата убавина, мир и спокојство. Ова е најомиленото место за вљубените, верниците, но и на сите туристи во градот на светлината, кои доаѓаат да се одморат на местото на кое се спојуваат синилото на небото и морето. Црквата е изградена и сликана кон крајот на 13 век. Овој средновековен споменик претставува успешна комбинација од византиски и ерменски елементи.
Затскриена на југоисточната страна на Охридското Езеро кај селото Трпејца, црквата „Св. Заум” е вистински предизвик за посетителите, оти до неа може да се дојде само со кајче. Изградена е во 1361 година, во форма на впишан крст, со централна купола.. Легендата вели дека царската ќерка била во посета на манастирот „Св. Наум” и кога требало да врати назад кон Охрид, се појавиле големи бранови во езерото. И покрај советите да почека, таа тргнала, но едвај успеала да се спаси. На местото на кое го пронашла својот спас, како благодарност и „за ум” царската ќерка ја подигнала оваа црква.
Свети Јаоким Осоговски
Во североисточниот дел на Македонија, во близина на градот Крива Паланка се наоѓа манастирот Свети Јаоким Осоговски. Сместен е на падините на Осоговските планини, опкружен со длабока шума и одвоен од градот, нудејќи им мир и спокојство на посетителите. Манастирот е основан во 17 век. Големата манастирска црква е изработена од делкан камен, а ја изградил познатиот градител Андреја Дамјанов со неговата тајфа. Црквата е живописана од крајот на 19 до средината на 20 век, а во неа доминира композицијата „Крштение Христово”. Поголемиот дел од фреските ги изработил познатиот фрескописец Димитар Андонов Папрадишки, а му помагал зографот Петар Николов. Североисточно од големата манастирска црква се наоѓа помала црква посветена на раѓањето на Света Богородица, изградена во 14 век. Во самата црва се наоѓа извор со света вода која има лековити својства. Покрај црквите најзначаен објект е трикатниот конак, а на гостите им се подготвуваат и традиционални јадења.
Бигорски
Опкружен со жуборливиот кањон на Реката Радика, сончевата планина Бистра, Мавровското Езеро и величествената планина Кораб, во најживопсниот дел на Македонија се наоѓа манастирот Св. Јован Крстител. Се нарекува Бигорски бидејќи е направен од камен бигор. Се верува дека иконите во манастирот имаат ицелистелски способности од тешки заболувања и помагаат при неплодност. Манастирот бил основан во 1020 година, а потоа со доаѓањето на Турците бил разрушен и од сите објекти била оставена само една мала црква. Обновен е во 1743 година од јеромонахот Иларион. Во него се наоѓа еден од најпознатите иконостаси, кој е дело на копаничарите Петре Филиповски – Гарката од с.Гари и на Макарија Фрчковски од с.Галичник. Според верувањата на монасите од минатиот век, манастирот го подигнал монахот Јован, последниот поглавар на охридската црква во Самуиловата држава, на местото каде што се појавила чудотворната икона на “Св. Јован Претеча”. Величествената икона на Јован Крстител, стара 980 години, го зазема централното место во манастирот. Според преданието, иконата сама дошла до местото каде што е изграден манастирот и лебдела над изворите на реката Радика. Се раскажува дека манастирот три пати е уриван од Турците, а иконата секогаш исчезнувала и пак била враќана. Бигорскиот манастир го сочинуваат манастирската црква и комплекс на манастирски и гостински конаци.
Манастирската средновековна црква “Св.Богородица Елеуса”, која се наоѓа во струмичкото село Вељуса зазема значајно место во црковната и културната историја на југоисточниот дел на Македонија. Станува збор за женски манастир, посветен на празникот Воведение на Пресвета Богородица, кој се одбележува во декември. Зачуваните записи укажуваат дека црквата била подигната во 1080 година од страна на монахот Мануил. “Св Богородица Милостива” е значајна по изворно зачуваната архитектура, живопис, мозаичен под и мермерен иконостас.
Фасцинантната црква “Св. Пантелејмон” во Велес е изградена во 1840 година. Во историјата на архитектурата на Балканот е дефинирана како најблескаво дело на преродбата, а со својата површина од 810 квадратни метри, се смета за една од најголемите цркви изградени во тој период.
Главниот Град Скопје со својата два милениума долга традиција е вистински предизвик за посетителите. Во градот и неговата околина постои изобилство на верски објекти кои вреди да се посетат. Св. Пантелејмон од ЏИИ век, Св. Андреа од ЏИВ век, Св. Спас од ЏИЏ век, Мустафа пашината џамија од ЏВ-от век се само дел од над 120-те културно-историски споменици во Скопје и неговата околина. Црквата Св. Пантелејмон се наоѓа во скопското село Горно Нерези. Изградена е во 1164 година, во време на владеењето на византиската династија на Комнените. Живописот во црквата се смета за еден од најзначајните споменици на византиската уметност. Во долината на Маркова река, во близина на село Сушица се наоѓа Марковиот манастир чија изградба ја започнал кралот Волкашин.Почнал да се гради во 1345 година, а целосно е завршен и живописан од страна на неговиот син, кралот Марко во 1371 година. Во почетокот на 19 век, во манастирот престојувал познатиот книжевен деец, Кирил Пејчиновиќ. Марковиот манастир го сочинуваат повеќе згради кружно поставени околу црквата. Во него има конаци како и стара трпезарија, која е особено интересна за посетителите.Најживопсини се манастирите сместени во клисурата на реката Треска. Скриен меѓу стрмните и високи карпи, на брегот на езерото Матка здивот го одзема манастирот Св. Андреа, кој го градел вториот син на кралот Волкашин, Андреа во периодот од 1388-89 година.
Во Старата скопска чарија се наоѓа црквата Св.Спас, која е изградена по опожарувањето на Скопје од страна на австрискиот генерал Пиколомини во 1689 година. Позната е по својот иконостас, изработен во длабока резба од 1819 до 1824 година од страна на мијачките мајстори. Декорацијата е раскошна, во духот на барок, со разновидни орнаменти и мотиви. Во црквата се положени моштите на македонскиот револуционер Гоце Делчев. Манастирот „Св. Пантелејмон” на Водно, крај Скопје датира од 1164 година и е еден од најстарите споменици на византиската култура, каде се наоѓаат познатите композиции на фрески „Раѓање на Св. Богородица”, „Оплакување Христово” и „Влегување во Ерусалим”. Од дворот на манастирот се пружа прекрасна панорама на главниот град.
Над живописното преспанско село Курбиново, се наоѓа најстарата црква во преспанскиот регион „Свети Ѓорѓија”. Сместена на висорамнина, од неа се пружа единствен поглед на речиси целото Преспанско Езеро и на островот Голем Град. Овој споменик од 12 век е вистински бисер на византиското ѕидно сликарство од тој период. Археолошките ископини покажуваат дека некогаш околу него имало и конаци, кои откако се запалиле од удар на гром, никогаш повторно не се обновени. Црквата е градена во 1191 година, а нејзините фрески се цртани од пет непознати мајстори од Костур. Во истиот период кога е градена црквата изградени се и црквата Свети Пантелејмон во Нерези и Света Врача во Костур.
На падините на планината Осогово е изграден Лесновскиот манастир. Неговите конаци се подигнати во 19 век, а црквата е изградена во 14 век. Деспотот Оливер ја подигнал црквата “Св Архангел Михаил” во 1341 година врз темелите на некоја постара базилика што постоела за време на пустиножителот Гаврил Лесновски, кој во ЏИ век се населил во Лесновската Гора и го основал манастирот. Од раскошниот живопис кој и денес плени со својата убавина, се издвојуваат претставите на “Архангел Михаил”, композициите од животот на Христа и Светителите, илустрациите на Давидовите псалми. Раскошниот иконостас, кој во 1814 година го изработил Петре Филиповски – Гарката, се смета за прво дело на Мијачката копаничарска школа.
Манастирот “Трескавец” се наоѓа десетина километри од Прилеп, меѓу карпите на Златоврв, на височина од 1.280 метри. Од таму се пружа неповторлив поглед кон Пелагонија, Кајмакчалан, Пелистер. Манастирскиот комплекс што го сочинуваат црквата “Успение Богородично” и впечатливите конаци често се посетувани од голем број гости од земјава и од странство. Црквата “Успение Богородично” е изградена во 13 век, а најстарите фрески датираат од еден век подоцна. Манастирот низ историјата бил уриван, но и обновен во 16 век. Од вредните зачувани елементи во црквата вреди да се спомене вратата поставена на западниот влез на црквата, изработена од прилепско–слепчанска копаничарска школа на плитка резба. .
Од многубројните исламски верски објекти, интересна е да се спомене Јаја пашината џамија во Скопје, која е карактеристична по големината на минарето високо 50 метри. Џамијата ја изградил Јаја Паша во 1504 година. На врвот од минарето се наоѓа, од злато изработена полумесечина и ѕвезда. Источно од главниот влез на Скопското кале се наоѓа Мустафа Пашината џамија која е препознатлива по тесно извишено минаре и импозантна купола Изградена е во 1492 година од страна на Мустафа- паша, кој бил угледна личност во турското царство.Импозантната Мустафа-пашина џамија во Скопје се смета за една од најубавите џамии во земјава. На јужната страна од џамијата се наоѓа и убаво обработен саркофаг, кој се претпоставува дека го одбележува гробот на Уми, една од ќерките на Мустафа-паша. Еден од најинтересните споменици од исламските сакрални објекти е Шарената џамија во Тетово. Нејзиното првично име било Алаџа (басма, шарен памук), а во 19 век го добива името Пашина- џамија, по својот реноватор Абдурахман-паша, турски феудален господар и гувернер на Тетовскиот пашалак, кој го изградил и Калето на Балтепе.Првобитната Шарена-џамија била изградена во 1495 година и ја имала функцијата на исламски собирен храм. Реконструирана е од 16 до крајот на 17 век кога изгорела до темел во голем пожар што го зафатил градот. Бројните живописи орнаменти и сликарските техники на најпознатите мајстори, претставуваат раритет со што ја вклучуваат оваа џамија во антологиите на исламската архитектура. Јени џамијата во центарот на Битола е изградена во 1558 година од страна на Кади Махмуд – ефендија, врз . врз христијанската црква посветена на “Св.Ѓоргија”. Внатрешноста на објектот изобилува со фреско-декорација со ретко присутни пејзажи од 18 век, длабока резба на дрвените врати и декоративна пластика во вид на сталактити. Денес се користи како уметничка галерија.
Даниела Трпчевска