Шарпланински приказни
Шара е една од ретките планински убавици која природата ја обдарила со вечно бели масиви. Планинските врвови кои 135 дена се покриени со дебел снег, во текот на летото се белеат од непрегледните стада овци кои одмараат распослани по километарските пасишта и ледини.
Снежната капа која планинските врвови ги покрива од доцната есен до раната пролет, надмоќно се надвиснува над Тетово – градот распослан во плодната Полошка долина. Како облаци на кои сакате да се испружите и да потонете во занесна пловидба по небесните пространства, овие планински масиви застрашувачки недогледливи, и диви и питоми, мамат за постојано освојување на височините, оти зад секоја карпеста белина се појавува друга, помоќна, недопрена, како снежен тепих ткаен со момински раце. Тој мами да се шара по него со трагите од стапалките кои тонат во меката снежна покривка, налик на белузлава пена.