Лековитата моќ на водата
Бројните минерални и термоминерални извори кои постојат во земјава, лоцирани во најпејсажните и живописни шумски предели, отсекогаш биле свртувалиште на голем број случајни минувачи, но и на оние кои барале спас во лековитата моќ на водата.Околу нив не случајно од дамнина се граделе лекувалишта, бањски објекти и спортски терени, се со цел да се привлечат што поголем број посетители. Од некогашните римски и турски бањи во земјава, во функција е останата само Пашината бања во Негорци, која и ден денес се користи за лекување и релаксација. Во план е и ревитализација на некогашниот турски амам кај Катлановска бања, со што овој објект, од кој се останати само рушевините, повторно би бил ставен во функција на збогатување на понудата и развој на бањскиот туризам во земјава, за кој постојат огромни потенцијали.