Уште едно село со долга историја, чист и питом планински дух на мештаните, е Црешнево. Екипата на „Македокс“ имаше неверојатно топол пречек во селото со аплаузи кога беше наместено платното и кога заврши проекцијата. Мештаните веќе знаеја која вечер ќе има проекција и најсрдечно се понудија да помогнат во поставувањето на конструкцијата за платното. Сместено точно на средината помеѓу долното и горното маало, зад платното се простираше прекрасен пејзаж со повеќе слоеви планински сртови. На североисточната страна, пак, се наѕираше Даутица, оддалеку проекцијата ја гледаше Старецот (стрмна и висока карпа), а високо над него погледот допира до Борополе. Специјално за проекцијата на „Македокс“ беа дојдени луѓе од Македонски Брод, а кои се со потекло од Црешнево.
Високо во планината над пештерата Пешна е сместено селото Локвица. Сите патчиња во областа имаат исти карактеристики. Тесни се и стрмни и се искачуваат до планинска висорамнина под која лежи селото. Таков е и случајот со Локвица, кое е едно од ретките во областа во кое има неколку чешми во средината на селото. Има 30-ина постојани жители, но за проекцијата на патувачкото кино беа дојдени и луѓе по потекло од Локвица, а кои живеат во Скопје.
Проекцијата се одржа во дворот на селската црква „Свети Димитрија“. Програмата на патувачкото кино на проекциите во селата во Порече има три сегменти: видеохроники од претходните години, програма за деца и еден долгометражен документарен филм од фестивалската селекција на „Македокс“. На проекцијата во Локвица дојдоа и луѓе од Скопје поради еден несекојдневен настан што се случи по проекцијата на филмовите.
Со наслов „Ноќ под ѕвездите“, на местото наречено Преслап, на патот кон селото Локвица, се одржа солистички акустичен концерт со органска авторска музика на Бојан Петков – Шамба. Тоа беше уникатна можност погледот да се задлабочи во бескрајното ѕвездено небо, да се бројат метеори и да се ужива во звуците на акустичната музика на Шамба.
Првпат во рамките на патувачкото кино беше вклучена работилницата за креативен документарен филм „Докуникулци“, на која во Порече присуствуваа 10 млади филмофили на возраст од 15 до 18 години од Скопје, Прилеп и од Битола. Во рамките на првата сесија на работилницата, со која раководат Петра Селишкар и Бранд Феро, а ментори за продукција се Бранко Аврамовски и Горјан Атанасов, младите учесници се запознаа меѓу себе, ги дознаа основите на документарниот филм, гледаа повеќе креативни документарни филмови, а на пичинг-сесијата беа претставени 10 теми за снимање документарен филм од кои со гласање беа избрани три на кои ќе се работи во следната фаза. При заминувањето на ’докуникулците‘ од Порече, на разделбата со екипата на патувачкото кино имаше многу емоции и по некоја солза.
Втората сесија на „Докуникулци“ ќе се случи за време на фестивалот „Македокс“ во август, а завршната сесија со снимање на три кратки документарни филма ќе биде реализирана наесен во Скопје. Работилницата се реализира со поддршка од Националната фондација за демократија од Вашингтон.
Поради силно невреме и обилни врнежи од дожд, проекцијата во селото Требино, планирана за 20 јули, беше откажана.
До крајот на патувачкото кино екипата на „Македокс“ ќе има проекции на документарни филмови во селото Косово (24 јули) и во селото Манастирец (25 јули), каде што во објектот на основното училиште „Свети Климент Охридски“ е сместена екипата на патувачкото кино. Осмото издание на патувачкото кино на „Македокс“ е поддржано од Агенцијата за филм на Република Македонија.
Медиумски покровители на патувачкото кино се Првиот програмски сервис на МТВ, телевизијата „24“, „Телма“, „Нова Македонија“, „Слободен печат“, Радио Антена 5, Радио Бубамара, „Канал 103“, „Џез ФМ“, Радио МОФ, „Плус инфо“, „Окно“, „Нова ТВ-веб“, „А1 он“, „Плагиј.ат“, „Е-магазин“, „Репер“, „Лице в лице“, „Его“, „Калимеро“, „Бла-бла ТВ“, „Пиреј.мк“, „Реборн“, „Види вака“, „ОФФ.нет“ и „МКД.мк“.
Осмото издание на Фестивалот на креативен документарен филм „Македокс“ ќе се одржи од 19 до 25 август 2017 година во Скопје.