Под Галичица – огромно подземно езеро
Под планината Галичица има езеро кое изобилува со речиси двојно повеќе вода од Преспанското. Во базенот кој се создал под Галичица не може да се плови со чамец, бидејќи станува збор за карст со големи и пространи шуплини кои се полнат со вода. Но, во горниот дел на планината, кој е исто ниво со Преспанско Езеро, природната создава неверојатна убавина и мали проточни езерца низ кои може и со чамец да се помине.
Огромниот резервоар се полни со дождовница, но и со вода од Преспанско Езеро, која со години наназад на повеќе места понира низ варовничката планина и се влева во Охридско Езеро. Околу пет милијарди кубни метри вода се претпоставува дека има во резервоарот под Галичица, кој ги храни сите околни извори. Со толку вода располагало и Преспанско Езеро во своите најбујни денови во 1963 година, за време на големите поплави во земјава. Сега нивото на водата во езерото е преполовена речиси на половина и се претпоставува дека има околу 3,5 милијарди кубици вода. Оваа вода, која во одредени делови на карстот се задржува и по седум години, би значела спас за Охридско Езеро, на кое ниту долгите сушни години не би можеле да му наштетат.
Ова се најновите сознанија на експертите кои се делот од тимот кој го спроведува проектот на НАТО „Одржливо управување со меѓународните води на Преспанско Езеро”, под раководство на Виктор Попов од Институтот за технологија Васекс од Саутемптон, чија цел е спроведување обемни истражувања за спас на Преспанското Езеро. Станува збор за проект кој е започнат во 2005 година, а веќе е влезен во завршната фаза. Резултатите од досегашните теренски истражувања кои беа спроведувани паралелно во Македонија, Албанија и Грција треба да финализираат до ноември годинава. Тие треба да дадат одговор колку вода понира од Преспанско Езеро преку Галичица, кои фактори најмногу влијаат за намалувањето на нивото на водата во езерото, која рапидно опаѓа во изминатите 15 години, но и да понуди решенија за спас на езерото.
Координаторот на НАТО-проектот, професорот на Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје професор Тодор Ановски, вели дека според претпоставките и сознанијата до кои дошол тимот научници во изминатите три години, Галичица е буквално изрешетана со шуплини кои се полнат со вода, а сите тие заедно даваат еден резервоар кој по својот капацитет е поголем од езерото во Преспа.
Заедно со неговите колеги од земјава кои учествуваат во проектот, тој успеал да влезе во некои од карстните шуплини во планината Галичица, кои изгледале пространи и големи како сали.
„При самиот врв тие можат да бидат многу пространи и големи, а како што се оди во длабочината се смалуваат. Затоа не може да се весла во резервоарот кој е под Галичица. Но, во горниот дел, кој е на ниво на Преспанско Езеро, има мали проточни езерца низ кои може и со чамец да се весла. Станува збор за пространства кои се полнат со вода и може да се плови по нив. Ако има голем прилив на вода, тие се полнат, во спротивно – пресушуваат“, вели професор Ановски.
Досегашните истражувања покажале дека на одредени места водата во карстот се задржувала и по седум години. „Ако водата во резервоарот просечно се задржува по седум години, тоа би значело дека количеството на водата во карстот е седум пати поголема отколку што се околните извори. Ако се направи пресметка, тогаш може да се утврди дека има еден огромен резервоар под Галичица кој ги храни овие извори“, вели Ановски.
Во рамките на НАТО-проектот во изминатите три години е следен приливот и одливот на вода во езерото, метеоролошките податоци од трите земји во текот на една година, направен е трасерски експеримент за утврдување на тоа колку брзо протекуваат водите низ варовничката Галичица од едното во другото езеро, а во план е и изготвување на препораки за одржливо искористување на водата.
„Факт е дека Преспанско Езеро во последните 15-ина години бележи рапидно снижување на нивото на водата, во споредба со една референтна кота од 1962 година кога имаше големи врнежи во земјава. Споредувајќи ја тогашната кота со денешната, се донесува заклучок дека повеќе од осум метри е намалено нивото на водата во езерото. Се разбира дека хидролошките прилики имаат значење, но нашите напори и активности се токму во насока точно да се дефинираат причините за намалување на нивото на водата – дали се тоа само хидролошките прилики и врнежите или, пак, има и друг момент“, објаснува Ановски.
НАТО-проектот кој е во тек, всушност, е продолжување на истражувањата кои беа спроведени од 1999 до 2002 година, потпомогнати од Меѓународната агенција за атомска енергија. Тогашните истражувања укажале на брзата „комуникација“ меѓу Преспанско и Охридско Езеро, односно дека на одредени места водата за помалку од еден ден го поминува патот од Преспанско кон Охридско Езеро, понирајќи низ Галичица.
Овој огромен резервоар на вода за кој се претпоставува дека години наназад се полнел под планината, значи спас за снабдување со вода на Охридско Езеро.
„Осцилациите на врнежите кои можат да се случат поради сушните години не би можеле многу да влијаат на Охридско Езеро. Поради присуството на овој голем резервоар со вода и доколку нема врнежи во наредните неколку години, на изворите кај Свети Наум, сепак, ќе можеме да уживаме во изобилство на вода“, се оптимистичките прогнози на професорот Ановски.
Токму кај Свети Наум е и најбујното и највидливо понирањето на водата преку варовничката Галичица. Според професорот Ановски, има серија на извори кои почнуваат во албанскиот дел на крајниот југ од езерото во Поградец, а кои се видливи за голо око и сведочат за понирањето на водата од Преспанско Езеро. Станува збор за изворите кај Тушемиште во Албанија, на кои потоа се надоврзуваат изворите кај Свети Наум и кај Свети Заум, па се’ до потегот на Билјанини Извори во Охрид. Станува збор за поголем број извори, но претпоставките се дека е уште поголем бројот на подземни извори кои воопшто не можат да се забележат и регистрираат, а кои се влеваат во Охридско Езеро.
„На пример, кај Трпејица има еден извор кој е 15 метри под водата, така што такви извори има многу и не може со точност да се каже за колкав број станува збор“, укажува професорот Ановски.
Jосиф Милевски, раководител на хидролошкиот сектор при УХМР, кој е дел од НАТО-проектот за заштита на Преспанско Езеро, вели дека за да се докаже оваа теза за постоењето на уште едно езеро под планината Галичица, потребно е прецизно да се утврди колку вода влегува или излегува од Преспанско Езеро, за што е неопходно да се направи биланс на водите во езерото, за да се утврдат хидролошките карактеристики за влезот на површинските води во езерото, врнежите и испарувањето.
„Треба да се утврдат влезните води по целиот слив на Преспанско Езеро на површина од 1.360 квадратни километри, како и да се изготви изохитска карта за врнежите за период од најмалку 40 години, за кои има валидни податоци. За тоа се потребни да се направат мерења и на околните планини, како што се Галичица, Пелистер, Плаќенска Планина и Сува Гора. Поставивме дождомерни станици – тотализатори на Галичица, но треба да се постават и на Баба Планина каде што е главниот доток на вода во Преспанско Езеро, а неопходно е да се утврди и колку подземни води дотекуваат во езерото“, укажува Милевски. Кога ќе се направи билансот на водите, според нашиот соговорник, дури тогаш ќе може да се докаже тезата дали има резервоар со вода кој се задржува под Галичица.
Според Милевски, врнежите имаат најголеми влијание на нивото на водата во езерото. „Има мерења кои покажуваат дека во јуни 1963 година е највисоката кота на езерото кога за време на поплавите е забележана кота од 851,83 метри надморска височина. Најниската кота, пак, е забележана во 2002 година, а се повтори и во февруари годинава. Сега сме блиску до котата од 843,14 метри надморска височина, со што разликата меѓу нив е 8.70 метри“, вели Милевски. Тоа значи дека нивото на Преспанско Езеро од 1963 година досега е намалено за речиси девет метри, иако споед научниците, постојат сознанија дека во минатото имало периоди кога езерото имало далеку помало ниво на вода од сегашното.
„Меѓу Преспанско и Охридско Езеро има 150 метри висинска разлика, што значи дека секоја вода истекува кон Охридско Езеро. Резервоарот со вода за кој се претпоставува дека постои треба да биде подлабок од 150 метри или барем на ниво на Охридско Езеро и да функционира како систем на врзани садови. Но, тоа треба да се докаже, за што е неопходно истражувањата да продолжат“, вели Јосиф Милевски од Управата за хидрометеоролошки работи.
Резултатите од овој проект ќе бидат дистрибуирани до сите заинтересирани, а пред се’ до локалните самоуправи кои гравитираат кон езерото во Македонија, Грција и Албанија, за да се изградат одредени ставови за рационалната употреба на водите од Преспанско Езеро. „Најверојатно, ќе се сугерира рационална употреба и заштита на водите, по што ќе се знае дали трите земји се подготвени да преземат некои хидротехнички решенија за истекувањето на водата од езерото во Преспа“, заклучуваат експертите.
Даниела Трпчевска / Утрински весник