Романија сака да стане тигар на Балканот
Растргната меѓу бурното минато, товарот на раскошниот живот на Николае Чаушеску, сиромаштијата и големите надежи за галопирачки развој на земјата, Романија по малку несигурно и плашливо чекори по европскиот пат. Иако надежите на 21-милионскиот народ од јануари 2007 се остварија, кога ЕУ широко им ги отвори вратите за влез во долгопосакуваното семејство, Романија е свесна дека сега, како никогаш досега, ќе мора да се справи со криминалот и корупцијата, кои со години наназад ја разјадуваат.
„Тигарот на Балканот се загрева“ и „Економијата се доближува до точката на вриење“ – овие наслови кои осамнаа во најугледните весници најдобро ја отсликуваат желбата на Романија да фати чекор со другите развиени земји и да го оправда влезот во европското семејство. Една година потоа, Романците се’ уште не чувствуваат драстични промени во секојдневниот живот, но за пет години, велат, се’ ќе биде поинаку.
Жителите на најмладата членка на ЕУ, се чини, многу бргу се приспособија на привилегиите да се биде Европеец и со нескриено задоволство уживаат во тоа. „Се чувствуваме задоволни и среќни. Засега нема големи промени во нашиот животен стандард, навиките и во начинот на живеење во Романија, но убаво е да се чувствуваш како Европеец додека патуваш без виза. До пред една година не потшутнуваа на границите и со недоверба не гледаа при влезот во европските земји. Но, ситуацијата е драстично сменета. Сега сме дел од нив, дел од Европа“, велат со нескриено задоволство нашите романски колеги додека на куполата на Домот на печатот разговараме за придобивките на земјата од влезот во ЕУ.
За жителите во руралните средини, Унијата е само апстрактен поим, раскажуваат нашите домаќини во дневниот весник „Адеварул“ („Вистина“). „Постарите луѓе велат: не знаеме што ќе ни донесе влезот во Унијата, но тие и не можат се уште да почувствуваат на своја кожа, затоа што се уште е рано. Еврото се уште не е воведено во земјава, а не се чувствуваат ниту промени во однос на цените и платите“, додава нашата соговорничка, која работи на економски теми. Прогнозите се дека еврото ќе биде воведено во земјата до 2014 година, за што веќе се преземаат интензивни подготовки.
Одредени промени чувствуваат и општините на кои им е овозможен пристап до фондовите на ЕУ, од каде што добиваат финансиска инекција за подобар развој.
„Економски бум ни се случува изминатите три години, само што сега е со поголем интензитет. Најмногу бенефит чувствуваме од патувањето без визи, бидејќи повеќе од два милиона Романци се смета дека работат надвор од земјата, пред се во Италија и во Шпанија. Среќни се што сега можат да работат легално и во многу подобри услови за работење“, објаснува нашиот романски колега Бору Кобуж, кој е дел од тимот на највлијателниот романски дневен весник Jurnalul National.
Голем број инженери, градежници, учители и медицински персонал наоѓаат работа надвор од земјата, но затоа, пак, романскиот пазар е отворен за поевтина работна сила од азиските земји. Претпоставките се дека неколку илјади Азијати, пред се Кинези и Пакистанци, работат во Романија.
„Субвенциите во земјоделството, пристапот до најразличните фондови на ЕУ, исто така, се дел од придобивките, оти се повеќе средства завршуваат во земјата, која се уште се бори со голема сиромаштија. Во Романија имаме 37 банки, од кои само две се со романски капитал“, вели Кобуж.
Но, според неговиот колега, новинарот Адријан Могош, сликата не е толку розова. „Добиваме пари од ЕУ, но голем дел се случува да ги враќаме поради корупцијата во земјата, но и поради тоа што не знаеме како да ги искористиме“, објаснува Могош.
Проблеми, според него, има особено во областа на градежништвото, каде што по пет години евалуација се утврдило дека проектите за кои биле добиени пари од претприемните фондови на ЕУ не се соодветно искористени, а проектите не мрднале од мртва точка. Според неофицијални процени, велат нашите домаќини, четири милијарди евра се ставени под прашање и, најверојатно, Романија ќе треба да ги врати, бидејќи не биле соодветно искористени.
„Политичарите се обидуваат да ги подигнат стандардите и целосно да ги исполнат критериумите со влегувањето во ЕУ, но не е се’ завршено. Се’ уште има многу да се работи, особено во сферата на судството и земјоделството, кои се најчувствителните области. Од минатата година се чувствува и огромен притисок врз антикорупциските организации за спречување и справување со криминалот и корупцијата во земјата“, објаснуваат романските колеги, анализирајќи ја моменталната состојба во земјата.
Романија се подготвува за ударот од светската економска криза. Иако домаќините не’ убедуваат дека засега не се чувствуваат последици, владата од пред неколку дена ги презеде првите чекори за ублажување на кризата. Најавите се дека ќе бидат издвоени 10 милијарди евра за да се спаси романската економија.
А, таа последните години доживува вистински бум. Тоа најмногу се забележува на улиците. Градот е преплавен со кранови, работници кои забрзано градат нови луксузни деловни згради, дуќани и коцкарници. Врие од странски инвестиции и компании кои сакаат да вложуваат на романскиот пазар. Процените се дека директните странски инвестиции годинава може да достигнат рекордна висина од 10 милијарди евра. Само за пример, неодамна британскиот „Бентли“ отвори продажен салон и веќе 150 „поршеа“ се возат по романските улици. Секое од нив чини по 200.000 евра.
„Како резултат на светската економска криза паѓаат цените на недвижниот имот, кои според некои процени се на ниво од 2006 година, кога стан во куќите изградени во ерата на Чаушеску можеше да се купи за 65 илјади евра“, велат нашите соговорници.
Сепак, духот на Чаушеску како да ѕирка од секој агол на елитните куќи и згради во околината на Парламентот, кои сега зјаат празни. За повеќето од нив процесот на денационализација е завршен и се вратени во рацете на старите сопственици. Оние кои имаат пари, забрзано го враќаат стариот и раскошен дух на градбите на кои доминираат кули со часовници, куполи и богата орнаментика. Посиромашните сопственици, пак, го оставаат ова непроценливо архитектонско богатство да се распаѓа, тука во самиот центар на градот, каде што сеништата на Чаушеску (претседател на Романија од 1965 до 1989 година) и визијата за подобар живот во земјата по влезот во ЕУ постојано се борат.
Романија има амбиции да стане седма сила во Европската унија, но јазот меѓу екстремните богатници и сиромашните е многу голем. Додека минималната плата изнесува 143 евра, некои од директорите во земјата заработуваат и по 12 илјади евра месечно. Просечната плата на новинарите е околу 1.000 евра, што е солидна плата во земјата, каде што, на пример, професорите заработуваат околу 600 евра.
Романија се подготвува за парламентарните избори кои треба да се одржат на 30 ноември годинава. На улиците не може да се забележи ниту трага од предизборната кампања. Плакати и транспаренти со кандидатите има само за викендите, кои некои од симпатизерите дефилираат низ околните паркови. Кој и да победи во Романија, на својот грб ќе го има огромниот товар да ги оствари очекувањата на „тигарот“, кој со огромни чекори ита од Балканот кон Европа.
Мал Париз со романски шмек
Романците се кротки и плашливи луѓе. Оттаму веројатно доаѓа и првиот впечаток дека не се многу гостољубиви и говорливи со странците. Но, доволно е само да навлезете во малите улички и дуќаните, каде што ќе ве пресретнат љубопитните очи на продавачите кои ќе се обидат на секој начин да ви излезат во пресрет.
Главниот град Букурешт изобилува со паркови, зеленило, езерца и канали кои го враќаат мирот во душата по долгите трчаници низ метрото и градската врева. Во центарот секогаш има сообраќаен метеж, но јавниот превоз е толку добро организиран што и на најоддалечената дестинација можете да пристигнете за половина час. Евтиниот автобуски превоз, раширената трамвајска мрежа и идеалното метро го олеснуваат животот во овој повеќемилионски град, кој пулсира со забрзано темпо. Игри на среќа, коцкарници, секси шопови, бордели, популарно наречени „клубови за џентлмени“ буквално има на секој агол. Никнуваат како печурки по дожд, со блескави реклами и понуда која мами на забава и уживање.
Букурешт е препознатлив по широките булевари, величествените градби и репутација на живот на висока нога, кој датира од 1900 година, кога градот го добил називот „Мал Париз“, под влијание на француската архитектура. Лесно можеш да бидеш заробен од приказната и митот за Дракула додека шеташ по улиците со напуштени куќи, обраснати со ползавци кои навлегуваат низ прозорците во старите градби, кои воодушевуваат со раскошната архитектура. Личат на дворци со шилести покриви, заоблени ѕидови и кули кои високо се издигнуваат и доминираат во просторот, засенувајќи ги новите градби. Повеќето од старите градби сега се резиденцијални објекти за многубројните странски амбасади во земјата, на тој начин придонесувајќи еден цел кварт во Букурешт да биде токму и најрепрезентативниот дел од градот.
Градот изобилува со грандиозни градби во неокласичен стил и огромни паркови, па дури има и сопствена триумфална порта, која е влез кон централниот дел на градот. Величествена е градбата на Кралската палата, која сега се користи како национална галерија, во чија непосредна близина е познатиот Чисмиџиу парк. Букурешт има зашеметувачка културна сцена – 37 музеи, 22 театри, концертни сали, опера, 18 галерии, џез-клубови. Сепак, она што го одзема здивот е Палатата на Чаушеску (сегашниот Парламент), која е втора по големина зграда во светот, по Пентагон во САД. Таа е сведок за мегаломанските апетити на Чаушеску и на неговата сопруга, кои изградиле грандиозен објект, но никогаш не успеале да уживаат во него. Во овој раскош, кој Чаушеску се обидел да го доведе до совршенство, доминираат пространи сали на чии прозорци висат раскошни завеси изработени од монасите, проткаени со златни и свилени конци, лустери со кристали и дијаманти, мермер и злато на ѕидовите. Билиони евра се вложени во изградбата на раскошното здание кое располага со 1.100 соби, четири подземни нивоа и нуклеарен бункер.
текст и фотографија Даниела Трпчевска/ Утрински весник