Педесетина параглајдеристи од Македонија, Бугарија, Албанија и Косово учествуваа на петтиот по ред меѓународен натпревар „Prilep Open 2017“ во дисциплината „прецизно слетување“. Учесниците полетуваа од полетиште кај манастирот „Трескавец“.
Градоначалникот на Општина Прилеп, Илија Јованоски, заедно со членовите на клубот „Skyriders“ на најдобрите учесници им доделија медали.
„Сакам да му посакам успешна работа на клубот ‘Skyriders’ и во иднина. Ги доделивме наградите на најдобрите параглајдеристи, коишто овие 2 дена летаа над Прилеп. И во иднина ќе го поддржуваме развојот на овој и кој било друг спорт во нашиот град“, порача градоначалникот Јованоски.
Според учесниците на годинашниот настан, теренот во Пелагонија е еден од најдобрите во светот за развој на параглајдерството, па затоа не изненадува фактот што за две години токму тука ќе се одржи Светското првенство во параглајдерство.
„Условите за развој на параглајдерството во пелагонискиот регион се одлични, термички има доста денови во текот на годината, има услови за големи прелети. Затоа од година во година сè поголем е бројот на странски пилоти, што доаѓаат овде. Моментално нивниот број годишно се движи околу 2.000, но се надеваме наредната година бројката да се искачи на 3.000 пилоти“, вели параглајдеристот, Кире Гиноски.
И странските натпреварувачи се восхитени од организацијата на натпреварот и условите што ги нуди Трескавец за развој на параглајдингот.
„Параглајдерството го одбрав како спорт, затоа што тоа е екстремно, забавно. Чувството во воздухот понекогаш е спокојно, понекогаш има повеќе адреналин зависи од времето, но како и да е, многу е пријатно. Теренот кај ‘Трескавец’ е еден од најдобрите на коишто сум била досега“, истакна Лидија Ѓерманова, учесник од Бугарија.